
Кинеската технолошка компанија Бајтеденс, сопственик на Тикток, е проценета на околу 550 милијарди долари како дел од планираната продажба на дел од акциите на инвестициската фирма General Atlantic.
Тоа е раст од дури 66 проценти во споредба со интерната куповна цена на акциите од минатата година, која ја процени вредноста на компанијата на околу 330 милијарди долари, објавува Ројтерс, повикувајќи се на два анонимни информирани извори.
Планираната продажба ќе биде првата голема трансакција што вклучува акции на Бајтеденс откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во јануари ја одобри реорганизацијата на американските операции на Tикток и нејзиното мнозинско сопствеништво во САД.
На овој начин, беше завршена повеќегодишната регулаторна несигурност што го оптоваруваше работењето на компанијата и влијаеше врз интересот на инвеститорите.
„Џенерал Атлантик“, кој првпат инвестираше во „Бајтеденс“ во 2017 година, кога кинеската компанија вредеше околу 20 милијарди долари, го започна процесот на продажба на дел од својот удел и очекува трансакцијата да биде завршена во март.
Според претходните податоци, приходите на „Бајтеденс“ ги надминаа приходите на американската компанија „Мета“ во 2025 година, што ја прави кинеската компанија најголемата компанија за социјални мрежи во светот според приходите.
Проценките покажуваат дека годишната добивка на „Бајтеденс“ би можела да достигне околу 48 милијарди долари, што дополнително го стимулира интересот на инвеститорите.
Вредноста на „Бајтеденс“ веќе порасна преку секундарни трансакции, вклучително и договор минатиот ноември со кој компанијата беше проценета на околу 480 милијарди долари.
Новата проценка од 550 милијарди долари укажува на силен раст на приватната пазарна вредност на „Бајтеденс“ и ги зголемува очекувањата на инвеститорите за потенцијалната првична јавна понуда на компанијата.
Аналитичарите проценуваат дека евентуалната јавна понуда на акции би можела да донесе значителни приноси за постојните акционери и дополнително да ја потврди доминацијата на кинеската компанија во глобалниот сектор на социјалните мрежи и вештачката интелигенција, објавуваат медиумите.











