
Компаниите што минатата година уплатиле средства во буџетот по основ на Данокот на солидарност, во март годинава ќе добијат половина од прибраните износи.
Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
Министерката пред пратениците потврди дека половина од прибраните три милијарди денари ќе бидат вратени следниот месец, а втората рата во март 2027 година, што претставува предлог прифатен од најголем дел од компаниите.
“Како што најавивме, половина од уплатените три милијарди денари ќе бидат вратени во март.
Процесот за организирање на целата постапка беше предизвикувачки, но Министерството за финансии пристапи транспарентно и во постојана комуникација со приватниот сектор.
Беше неопходно да се воспостави комуникација со сите компании, па оттука, најпрво одлучивме да контактираме со стопанските комори, каде ги разгледавме нашите размислувања и предлози, а потоа да утврдиме заеднички пристап.
Во август 2025 година, Владата нè задолжи како Министерство за финансии да испратиме официјални дописи до сите 156 компании, со барање да се изјаснат за моделот на враќање на средствата.
Нашиот предлог беше враќањето да се реализира во две фази, првата во март 2026 година и втората во март 2027 година, предлог којшто беше прифатен од мнозинството компании.
Изборот на месец март е поради тоа што во тој период се поднесуваат завршните сметки и се плаќа данокот на добивка. Имајќи предвид дека данокот на солидарност по својата природа е сличен, целта беше да се усогласи овој период со можноста компаниите да извршат компензација на обврските, посочи министерката Димитриеска – Кочоска.











