
Танкерите за нафта и природен гас што минуваат низ Ормускиот теснец транспортираат околу 20 проценти од светските залихи. Но, за земјите од Персискиот Залив, овој воден пат е повеќе од само енергетски пат – тој е крвотокот на повеќе од 100 милиони луѓе.
Сега, додека војната на Соединетите Американски Држави и Израел со Иран го задушува овој витален дел од морето, таа дополнително го оптоварува снабдувањето со храна во регионот. Со летни температури што надминуваат 50 степени Целзиусови и малку обработливо земјиште, поголемиот дел од водата за пиење во арапските држави од Заливот доаѓа од морето преку постројки за десалинизација. Сепак, поголемиот дел од нивната храна мора да доаѓа од странство.
Пренасочување на пратки
Саудиска Арабија увезува повеќе од 80 проценти од својата храна, Обединетите Арапски Емирати околу 90 проценти, а Катар околу 98 проценти. А во Ирак, поголемиот дел од увозот на храна поминува низ Ормутскиот теснец, и покрај фактот дека земјата лежи на две големи реки, Еуфрат и Тигар, пишува CNN. Вкупно, повеќето пратки со храна во регионот минуваат низ теснецот, кој сега е речиси блокиран поради напади врз комерцијални бродови во областа. Со практично затворен воден пат, превозниците на храна се борат да најдат алтернативни патишта кои се поскапи и логистички потешки. Дури и Иран зависи од Ормутскиот теснец за голем дел од својата трговија.











