Бројот на банкари со плати над милион евра расте, жените сè уште во сенка

Најплатените банкари во Европа сè уште се речиси исклучиво мажи, и покрај растот на бројот на оние што заработуваат повеќе од еден милион евра годишно, според извештајот на Европската банкарска агенција (ЕБА) објавен во четврток.

Скоро девет од десет вработени во банките кои заработиле најмалку еден милион евра во 2024 година биле мажи, според ЕБА. Нерамнотежата е уште поизразена кај инвестициските фирми, каде што 97 проценти од најдобро платените биле мажи, објавува Ројтерс.

Наодите од извештајот укажуваат на бавно темпо на промени кога станува збор за родовата рамнотежа во финансискиот сектор, потврдувајќи ги претходните предупредувања на ЕБА дека напредокот на највисоките нивоа останува ограничен.

Бројот на високо платени вработени во банките и инвестициските фирми се зголеми за девет проценти, на 2.554, поттикнат од силната профитабилност поради повисоките каматни стапки, интензивното тргување на нестабилните пазари и закрепнувањето на деловниот и трансакцискиот пазар, објавува „Форбс“.

Сепак, овој раст не ги промени значително вкоренетите разлики.

Во кредитните институции, како што се банките, мажите сочинуваа малку повеќе од 89 проценти од оние со седумцифрени приходи, што е претежно на нивото од претходните години. Во инвестициските фирми, јазот беше уште поизразен, и покрај наглото зголемување на бројот на најплатени вработени.

ЕБА наведува дека постигнувањето рамнотежа меѓу половите, особено на високи и подобро платени позиции, останува приоритет за регулаторите и компаниите низ целиот европски финансиски систем.

Фото: Pixabay