Поевтини и побрзи плаќања во евра: Србија се приклучи на СЕПА, големи олеснувања за македонските граѓани и фирми

Народната банка известува дека, со приклучувањето на Република Србија во системот СЕПА (Single Euro Payments Area), од сега е овозможено извршување на плаќања од и кон Србија во евра во рамките на СЕПА областа.

Ова  како што посочуваат од НБРМ претставува значаен чекор за понатамошно унапредување на регионалната финансиска поврзаност, со директни придобивки за граѓаните, компаниите и дијаспората.

 Што значи ова во пракса?


• Побрзи и поефикасни прекугранични плаќања од и кон Србија во евра
• Значително пониски надоместоци за плаќањата во споредба со традиционалните канали
• Поголема предвидливост и сигурност на плаќањата
• Поедноставени процедури за плаќања и приливи

Србија е еден од нашите најзначајни трговски партнери и се наоѓа меѓу петте најголеми партнери во надворешната трговија на земјата, што дополнително ја зголемува важноста на оваа интеграција, наведуваат од НБРМ.

Оваа новина е особено значајна и за бројната дијаспора, како и за долгогодишните економски, семејни и традиционални врски меѓу двете земји, овозможувајќи поевтини и побрзи трансфери кон и од Србија.

Народната банка и понатаму активно работи на интеграција во европските платни системи и унапредување на условите за модерни, брзи и евтини плаќања за сите корисници.