
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, упати повик за преиспитување на законски измени кои би ѝ овозможиле на централната банка да располага со алатки за поголема заштита на корисниците на платежни услуги и за намалување на одредени банкарски такси, следејќи го примерот на повеќе европски земји.
На својот профил на платформата Икс, Славески истакна дека платежниот промет е услуга од секојдневна употреба за граѓаните и бизнис субјектите, поради што висината на надоместоците заслужува поширока општествена и институционална дискусија.
“Во овој момент, Народната банка нема законска основа директно да ги регулира таксите што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните настани покажуваат дека е неопходно да се разгледаат опциите за надополнување на законската рамка, по урнек на повеќе европски држави каде што се применуваат механизми за заштита на потрошувачите и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежни услуги,” наведе Славески.
Тој потенцира дека во голем број земји од Европа постојат алатки за регулирање или ограничување на одредени надоместоци, и дека овие искуства можат да послужат како цврста основа за јавна дебата и во нашата држава.
Целта е граѓаните и компаниите да имаат пристап до ефективни платежни услуги по прифатливи такси, во склад со најновите европски стандарди, вели гувернерот.











