Се одржа 58. сесија на Клубот на истражувачите – Дали нефункционалните кредити се значајни за земјите во развој?

Во Народната банка се одржа 58. сесија на Клубот на истражувачите, платформа за презентација и разгледување научноистражувачки трудови на Народната банка, којашто ја поддржува научноистражувачката дејност во земјава во изминатите 13 години.

На оваа сесија беше претставен научниот труд, којшто е во фаза на изработка, на тема „Поширок поглед врз стабилноста на банките: Дали нефункционалните кредити се значајни за земјите во развој?”, од авторките проф. д-р Бесиме Зибери и д-р Артина Беџети Бафтијари. 

Сесијата ја отвори директорката на Дирекцијата за монетарната политика и истражување Билјана Давидовска-Стојанова, којашто истакна дека нефукционалните кредитни пласмани претставуваат еден од најголемите предизвици за стабилноста на финансискиот систем и од тие причини тие редовно се следат и се анализираат.

„Високото ниво на нефункционални кредити директно влијае врз ликвидноста и солвентноста на банките, нивната профитабилност, а може да создаде и системски ризици коишто можат да предизвикаат банкарски кризи. Оттука, утврдувањето на детерминантите на нефункционалните кредити е од особено значење за носителите на политиките и регулаторите, со цел навремено да се откријат слабостите и да се зачува целокупната финансиска стабилност во една економија”, истакна Давидовска-Стојанова.

Во името на авторките, наодите од истражувањето ги презентира Беџети Бафтијари, која истакна дека главната цел на анализата е да се даде поширок поглед за стабилноста на банките, преку испитување на детерминантите на нефункционалните кредити во економиите од Западен Балкан. Резултатите од панел-процените за период од 22 години укажуваат дека макроекономските фактори, како што се бруто домашното штедење, вработеноста и реалните каматни стапки, имаат најголемо влијание врз нивното ниво. Оттука, подобрувањето на економските услови може значително да придонесе за ниско ниво на нефункционалните кредити и за зајакнување на финансиската стабилност во регионот.

Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за презентирање труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели.

Зачленувањето е од отворен карактер и повеќе информации за Клубот може да се најдат на следнава врска: https://www.nbrm.mk/klub_na_istrazhuvachi.nspx