Македонското земјоделство постигна задоволителни резултати, но останува уште работа за поагресивно освојување на нови пазари, особено во оние држави каде не се чувствуваат последиците од глобалната економска криза, вели во интервју за МИА министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски.
Според Димовски, Македонија треба максимално да ги користи можностите и компаративните предности во насока на што поголемо производство, преработка и продукција на храна. Неопходно е и да се подобри и неповолната структура на малите стопанства кои се доминантни, преку нивно здружување и почнување на политиките на окрупнување и консолидација на земјоделското земјиште.
“Решенијата за поголемо производство ги гледаме во политиките кои ги имплементираме и со кои се става акцент на поддршката на конкурентните извозни сектори на кои се насочени 60% од сите директни плаќања. Обезбедуваме постојана поддршка за подобрување на додадената вредност на овие производи, флаширано наместо наливно вино, современа опрема и механизација со мерките за рурален развој, обезбедување на поволни кредити и силна поддршка на маркетингот”, вели Димовски во интервјуто.
Министерот, исто така, информираше и дека во тек е подготовката на ИПАРД програмата за следниот период 2014-2020 година во која е предвидено и вклучување на агро-еколошки мерки.
Во интервјуто, Димовски вели дека една од најслабите точки во македонското земјоделство се уште е механизацијата, како и зголемувањето на продуктивноста на фармите, а додава и дека еден од приоритетите за следниот период останува безбедноста на храната.