Финансискиот директор на „Фајзер“ преминува во „Најк“ за да помогне во реструктуирањето на компанијата

„Најк“ го назначи Дејвид Дентон, поранешниот финансиски директор на „Фајзер“, за нов финансиски директор на компанијата, на местото на Метју Френд, во време кога брендот е во сложена фаза на закрепнување и реструктуирање.

Дентон доаѓа од „Фајзер“, каде што е главен финансиски директор од мај 2022 година, а претходно имал слични високи финансиски позиции во „CVS Health“ и „Lowe’s“, што му дава богато искуство во управувањето со големи корпоративни системи, објавува „Ројтерс“.

Промената на врвот на финансиите е дел од поширок бран кадровски промени во „Најк“, инициран од новиот извршен директор Елиот Хил по преземањето во октомври 2024 година, со план да ја врати компанијата на нејзините „спортски корени“ и да ги подобри односите со партнерите на големо.

Во последните квартали, компанијата се бореше со високи залихи, послаба побарувачка во Северна Америка и Кина и бавно темпо на закрепнување, па затоа аналитичарите проценуваат дека честите промени во менаџментот се одраз на длабочината на проблемите во бизнисот.

Иако промената на финансискиот директор предизвика одредена загриженост на пазарот, акциите на „Најк“ сепак малку пораснаа во продолженото тргување, а компанијата, исто така, објави дека ќе има корист од враќање на царини во своите следни квартални резултати.