
Ребалансот на Буџетот за 2026 година не е последица на проблеми со јавните финансии, туку претставува развоен документ со кој се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, поддршка на граѓаните и натамошен економски раст во услови на зголемена неизвесност на светските пазари, геополитички ризици и ценовни притисоци, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за Плусинфо.
Владата преку ребалансот на Буџетот за 2026 година обезбедува стабилност на јавните финансии, се обезбедува редовна исплата на сите законски обврски на државата, а истовремено се зголемуваат средствата за капитални инвестиции, земјоделство, социјална заштита, образование, спорт и локален развој.
“Ребалансот на Буџетот ќе обезбеди редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци и сите останати обврски што државата ги има кон граѓаните. Сепак, во услови на веќе обезбедени стабилни буџетски приходи и јавни финансии, акцентот сега го ставаме на капиталните инвестиции. Инвестициите што денес ги реализираме во патишта, железници, енергетика, образование, здравство и комунална инфраструктура, ќе создадат повисока економска активност, нови работни места и подобар животен стандард”, истакна министерката.
Во интервјуто Димитриеска-Кочоска посочи дека ребалансот е усогласување со променетите економски околности и новите законски обврски, а не резултат на недостиг на приходи или нарушена ликвидност.
“Потребата од ребаланс произлезе од променетите економски околности во текот на годината. Геополитичките случувања, растот на цените на енергенсите и промените на меѓународните пазари влијаеја врз одредени буџетски проекции. Како одговорна Влада, наша обврска е тие проекции навремено да ги усогласиме со реалната состојба. Истовремено, во меѓувреме произлегоа и дополнителни законски обврски, пред сè поради потпишаните колективни договори, како и потребата од дополнителна поддршка за земјоделството, социјалната заштита и општините. Но, она што најсилно го карактеризира овој ребаланс е определбата за инвестиции.
Одлучивме средствата да ги насочиме таму каде што ќе создадат најголема додадена вредност за економијата. Затоа велам дека ова не е кризен ребаланс, туку развоен ребаланс”, нагласи министерката.
Осврнувајќи се на собраниската расправа, министерката оцени дека прифаќањето на аргументирани амандмани, меѓу кои и оние за поддршка на жените земјоделки, национална СОС линија и два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство, покажува дека Владата останува отворена за конструктивни предлози што се во интерес на граѓаните.
Таа додаде дека позитивните економски показатели – растот на БДП од 3,1 проценти во првиот квартал, зголемените странски директни инвестиции, растот на градежништвото, услугите и извозот – се потврда дека македонската економија останува стабилна и дека политиките што ги спроведува Владата даваат резултати. Според неа, ребалансот создава услови за продолжување на инвестицискиот циклус, одржување на фискалната стабилност и подобрување на животниот стандард на граѓаните.













