
На Волстрит, берзанските индекси пораснаа за повеќе од еден процент во четврток, откако гувернерот на Фед, Кристофер Волер, објави дека доколку инфлацијата се намали, ќе се залага каматните стапки да останат непроменети.
Индексот Dow Jones порасна за 1,18 проценти, на 53.686 поени, додека S&P 500 порасна за 1,06 проценти, на 7.747 поени, а Nasdaq порасна за 1,40 проценти, на 26.584 поени.
Иако истакна дека би поддржал зголемување на каматните стапки доколку инфлацијата не почне да се забавува, по коментарите на Волер, пазарните проценки за изгледите дека Фед ќе ги зголеми каматните стапки на септемвриската сесија паднаа на приближно 50 проценти, додека претходно изнесуваа 63 проценти.
„Коментарите на гувернерот Волер поттикнаа силен и широк пазарен раст“, рече Бил Норти, директор во „У.С. Банк Велт Менаџмент“.
Сепак, очекувањата за каматните стапки може да се променат веќе во петок, кога ќе биде објавен извештајот за вработеноста во САД за август. Во анкетата на „Ројтерс“, аналитичарите проценуваат дека бројот на вработени ќе се зголеми за 56.000, а дека стапката на невработеност ќе остане непроменета на 4,1 процент.
Доколку податоците се покажат подобри од очекуваното, шпекулациите за зголемување на каматните стапки веројатно ќе се засилат. Обратно, ако податоците од пазарот на трудот се слаби, очекувањата во врска со зголемувањето на каматните стапки ќе се намалат.











