Енергетски притисок врз Европа: Гасот блиску до тригодишен максимум, нафтата над 95 долари

Цените на гасот во Европа денес се блиску до тригодишен максимум, нафтата од типот Брент поскапе и се продава за повеќе од 95 долари за барел, додека европските индекси се претежно во позитива, а аналитичарите очекуваат клучен извештај од американскиот пазар на трудот, кој ќе биде објавен во 14:30 часот.

Европските фјучерси за гас за октомври беа продадени денес на отворањето на берзата во Амстердам TTF по цена од 71,5 евра за мегават-час, додека цената на вчерашното затворање беше 73 евра, што е највисока од 2023 година, пренесува CNBC.

Меѓународните фјучерси за сурова нафта Брент со испорака во ноември пораснаа за 0,41 процент на 95,91 долари за барел, додека фјучерси за сурова нафта WTI во САД пораснаа за 0,69 проценти на 91,93 долари за барел.

Според податоците во 9:30 часот наутро, германскиот берзански индекс DAX забележа зголемување од 0,18 проценти, францускиот CAC 40 за 0,07 проценти, британскиот FTSE 100 за 0,01 процент, московскиот MOEX за 1,15 проценти, додека миланскиот FTSE MIB падна за 0,45 проценти.

Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс денес е 1,16268 долари.

Цената на златото падна на 4.467,64 долари за тројанска унца, а цената на пченицата падна на 7,2965 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27.216 кг).