Австриската „Steiermarkische Bank und Sparkassen AG“ подготвува понуда за преземање на УНИ Банка

Австриската банкарска групација „Steiermarkische Bank und Sparkassen AG“ најави намера за преземање до 100% од акциите со право на глас во УНИ Банка АД Скопје. Според официјалното известување до Управниот одбор на банката, понудената цена изнесува 126.3766353 евра по акција во денарска противредност. Реализацијата на оваа мега-зделка во македонскиот финансиски сектор е условена со добивање соодветни регулаторни дозволи од странските тела за заштита на конкуренцијата и од Европската централна банка (ЕЦБ), по што преземачот ќе поднесе барање за одобрение до Комисијата за хартии од вредност.

Известуваме дека Управниот одбор на Универзална Инвестициона Банка АД Скопје (УНИ Банка АД Скопје) на ден 10.09.2026 година, согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерски друштва, доби известување од Steiermarkische Bank und Sparkassen AG, акционерско друштво организирано согласно законите на Австрија, со седиште на Sparkassenplatz 4, 8010 Грац, Република Австрија, дека има намера да даде понуда за преземање на сите запишани обични акции што соодветствуваат на 100% запишан акционерски капитал и гласачки права во УНИ Банка АД Скопје. 

Понудата за преземање до 100% од обичните акции со право на глас издадени од  банка УНИ Банка АД Скопје,  ќе биде дадена по цена од 126.3766353 евра по акција, во денарска противредност.

Во добиеното известување стои дека согласно член 26-а од Законот за преземање на акционерски друштва покрај согласностите од домашните тела и институции објавувањето на понудата за преземање, е условено со претходни дозволи и/или согласности кои ги носат странски надлежни тела и институции како што следи: (i) Одобрување на концентрацијата од црногорското тело за заштита на конкуренција и српското тело за заштита на конкуренција и (ii) Одлука за одобрување од Европската централна банка („Странски одобренија“).

Во известувањето стои дека согласно член 26-а став (4) од Законот за преземање на акционерски друштва, Преземачот ќе поднесе барање за добивање на дозвола за понудата за преземање и проспектот до Комисијата за хартии од вредност согласно Законот за преземање на акционерски друштва, откако ќе бидат добиени Странските одобренија.

Согласно член 26-а став (3) од Законот за преземање на акционерски друштва, во случај кое било од Странските одобренија да не биде добиено, намерата ќе се смета за повлечена и нема да биде дадена понуда за преземање.

Во однос на ова, (i) во случај која било институција надлежна за давање на кое било од Странските одобренија да отфрли или одбие да го издаде соодветното Странско одобрение, Преземачот ќе извести согласно член 26-а став (5) од Законот за преземање на акционерски друштва, или (ii) во случај која било институција надлежна да даде било кое Странско одобрение, истото да не го издаде во рок од 12 месеци од објавувањето на намерата за преземање, Преземачот ќе извести согласно член 26-а став (6) од Законот за преземање на акционерски друштва.

Фото: УниБанка Facebook