
Амандманите на европските директиви за правата на потрошувачите и за нефер деловни практики од 27 септември ќе го укинат означувањето на производите со неосновани етикети и ќе го забранат мотивирањето на потрошувачите предвремено да ги менуваат потрошните делови од производите, изјави пратеничката на Европскиот парламент Билјана Борзан.
На прес-конференцијата во понеделник, Борзан рече дека најважните промени на тие две директиви усвоени на почетокот на 2024 година се однесуваат на сузбивањето на „greenwashing“, информациите за гаранциите и времетраењето на уредите.
„Денес, на пазарот на ЕУ има над 1.200 етикети кои имаат некакво значење дека производот е еколошки, подобар од другите и слично. Така беше до сега, џунгла од етикети за кои никој не знае што значат. Европската комисија направи истражување и откри дека повеќе од половина од тие етикети всушност не значат ништо и дека производителите ги ставаат етикетите само затоа што се свесни дека свеста на потрошувачите се зголемува во однос на заштитата на животната средина и дека секој од нас сака да даде позитивен придонес кон животната средина при купувањето“, рече Борзан, додавајќи дека преку измената на директивата, таквата практика сега е забранета.
Во иднина, таквата ознака ќе мора да биде поткрепена со професионална проценка, односно сертификат издаден од компании кои се експерти во оваа област.
Се укинуваат и етикетите за позитивни ефекти врз климата, бидејќи сите истражувања покажаа дека е невозможно да се утврди дека производот има таков ефект.
Коментирајќи го делот од новата директива поврзан со гаранциите, Борзан истакна дека се покажало дека мнозинството граѓани мислат дека имаат едногодишна гаранција за уредите, што не е вистина, бидејќи во ЕУ гаранцијата за сите уреди е две години.
Затоа, од 27 септември, информациите за времетраењето на гаранцијата на производот ќе мора да бидат истакнати на видливи места во продавниците, најчесто во близина на касите.
Секој производител, како и досега, ќе може да обезбеди дополнителна комерцијална гаранција. Борзан верува дека производителите ќе се натпреваруваат едни со други за да имаат што е можно подолг комерцијален гарантен рок, бидејќи потрошувачите се подготвени да платат малку повеќе за производ ако проценат дека ќе им трае подолго.
Многу е интересно, откри европратеничката, што најголемиот број уреди се расипуваат помеѓу две и три години по купувањето.
„Производите се дизајнирани да се расипат“, рече Борзан, додавајќи дека уредите порано траеле 20, 30 години и дека тоа е невозможно денес, иако производителите, проценува таа, сè уште би можеле да ги произведуваат денес.
Директивата, исто така, се осврнува на практиките што можат да поттикнат предвремена замена на производи или делови, па затоа сега ќе биде забрането да се мотивираат потрошувачите да ги заменат потрошните делови порано од потребното. Понатаму, забранети се и лажни тврдења дека производот ќе откаже ако потрошните материјали и резервните делови или додатоците не се од оригиналниот производител.











