
Влијателниот германски синдикат IG Metall планира демонстрации на повеќе од 200 локации низ Германија на 21 септември. Причината се отпуштањата и барањата што им се наметнуваат на вработените во автомобилската индустрија.
Работниците го носат најголемиот товар на кризата во овој сектор, изјави лидерката на синдикатот Кристијане Бенер, пренесува ДПА.
„Сведоци сме на невиден напад врз работниците во автомобилската индустрија“, рече Бенер, додавајќи дека главното спорно прашање е 35-часовната работна недела.
Во германскиот автомобилски сектор, 35-часовната работна недела е стандард во колективниот договор. Поради кризата, работодавците предлагаат зголемување на 40 часа – но платите остануваат исти.
Тоа значи дека работниците мора да работат пет часа подолго без плата, рече Јенс Шефер, претседател на работничкиот совет на добавувачот на автоделови ZF во Хановер.
Работниците веќе направија жртви во вредност од милијарди евра – вклучувајќи отстапки за плати и намалени права за колективно преговарање – а сепак им се вели дека тоа не е доволно, додека компаниите продолжуваат да исплаќаат дивиденди, а менаџментот не сноси никакви последици за грешките од минатото, рече Бенер.











