ЕУ потроши 8,6 милијарди евра за руски гас

Од јануари до јули оваа година, членките на Европската Унија потрошиле вкупно околу 8,6 милијарди евра за увоз на руски природен гас, според податоците од Евростат и руската статистика.

Од таа сума, приближно 3,4 милијарди евра се однесуваат на гас што пристигнува во ЕУ преку гасоводи, додека приближно 5,15 милијарди евра се издвоени за руски течен природен гас (LNG).

Вкупната вредност на увозот на руски гас во првите седум месеци од годината е за 2,6 проценти помала во однос на истиот период минатата година.

Само во јули, членките на ЕУ платиле околу 607 милиони евра за руски LNG. Најголеми увозници биле Франција со 365 милиони евра, Белгија со 92 милиони и Шпанија со 78 милиони евра.

Во јули, членките на ЕУ издвоиле дополнителни 512 милиони евра за гас што пристигнува од Русија преку гасоводи.

Рускиот LNG учествувал со 18,6 проценти од вкупниот увоз на овој вид енергија во ЕУ во текот на јули. Сепак, најголем удел имаат Соединетите Американски Држави, кои учествуваат со 53,9 проценти.

Кога станува збор за гас што пристигнува во ЕУ преку гасоводи, рускиот производител на енергија имал удел од 10,9 проценти во вкупниот увоз во јули.

Норвешка беше на прво место со 36,3 проценти, по што следуваше Алжир со 21,7 проценти, додека Велика Британија го зазеде третото место со удел од 19,3 проценти.