
Добитникот на Нобелова награда, Мајкл Кремер, е назначен за главен економист на Групацијата на Светска банка и потпретседател за развојна економија, што значи дека од 1 октомври, еден од најистакнатите економисти на денешницата ќе раководи со истражувачката и аналитичката работа во таа меѓународна финансиска институција, објави денес Светската банка.
Како главен економист, Кремер ќе ја претставува и Светската банка на меѓународната сцена и ќе биде одговорен за производство на влијателни публикации, изјави претседателот на Светската банка, Аџај Банга. Тој рече дека Кремер доаѓа во Светската банка во време кога „на светот му се потребни смели решенија за развојните предизвици“, објавува Бета.
„Мајк Крамер не само што го поминал својот живот идентификувајќи ефикасни стратегии за развој, туку и опширно ги тестирал – и токму тоа е видот на размислување што ни е потребен во моментов“, рече Банга. Кремер е познат не само по пронаоѓањето иновативни решенија за светските проблеми врз основа на темелно истражување, туку и по спроведувањето на тие решенија во програми што допреле до стотици милиони луѓе, од проширување на пристапот до вакцинација, преку програми за здравствена заштита во училиштата, до помагање на малите земјоделци, се вели во соопштението на Светската банка.











