Мерцедес им испрати ултиматум на работниците

Раководството на германскиот автомобилски гигант Мерцедес-Бенц предупреди на можноста за затворање на двe од неговите фабрики во Германија доколку не се постигне договор за намалување на трошоците за работење, пренесува ДПА.

Оваа порака им ја пренесе на работниците на состанок во Зинделфинген во близина на Штутгарт членот на раководството задолжен за производство, Михаел Шибе, што го потврди и портпаролот на компанијата.

Притисок врз работниците

„Нашата јасна цел е да ги задржиме сите локации во Германија. Но, за да го постигнеме ова, мора да се согласиме за мерки за намалување на трошоците што се прифатливи за сите. Ако не успееме да го сториме тоа, ќе бидеме принудени да затвориме една фабрика за каросерија и една фабрика за погонски склопови“, рече Шибе.

Кризата би можела директно да влијае на некои од клучните индустриски комплекси на Мерцедес. Компанијата има погони за склопување возила во Зинделфинген, Раштат и Бремен, додека компонентите и погонските склопови се произведуваат на седум други локации низ целата земја, вклучувајќи ги Берлин, Хамбург и Унтертиркхајм.

Протести од 175.000 работници низ целата земја

Предупредувањето на менаџментот дојде истиот ден кога германската автомобилска индустрија беше зафатена од бран работнички протести. Според моќниот синдикат IG Metall, околу 175.000 работници протестираа на 280 локации, вклучувајќи ги Штутгарт, Волфсбург, Инголштат и Минхен, барајќи сигурност на работното место од водечките производители како што се Volkswagen и Mercedes.

Како дел од мерките за штедење, Mercedes-Benz ја започна таканаречената „офанзива на продуктивност“, која во исто време отвори остра дискусија за трошоците за работна сила во Германија.

Меѓу другото, во писмо до вработените, менаџментот веќе официјално предложи работниците во германските фабрики да работат повеќе часови за иста плата во иднина.