ЈЗУ ќе добијат опрема вредна 386 милиони денари

45

Министерството за здравство започна постапка за набавка на нова оперма за јавните здравствени установи. Новата опрема вкучува три апарати за компјутерска томографија, два акцелератори и по еден ангиограф, мамограф и дигитален рентген апарат. Со набавката на новата опрема, пациентите ќе имаат можност на едно место да добијат дијагностика и лекување, без да бидат препраќани во други установи.
Вкупната проценета вредност на новата медицинска опрема изнесува 386 милиони денари или околу 6 милиони евра.

Министерот за здравство Никола Тодоров, очекува на тендерот да има поголема конкуренција, која завршува со електронска аукција, како и пониски цени. Тој додаде дека оваа апаратура не е дел од големиот тендер за набавка на медицинска опрема.
“Објавуваме постапка за набавка на нов акцелелатор за Клиниката за радиотерапија и онкологија и за нов ангиографски систем за ГОБ 8-ми Септември. Проценетата вредност на двата апарати е 160 милиони денари”, рече Тодоров.
Тој додаде дека со новиот акцелелатор ќе се прегледуваат од 40 до 50 пациенти дневно во првата година, а додека во втората бројката ќе се зголеми и ќе изнесува од 70 до 80 пациенти дневно.
“Прв пат се набавува нов ангиограф за ГОБ 8-ми Септември каде во континуитет се инвестира во нова опрема, реконструкција и зајакнување на здравствениот кадар. Паралелно со набавката на овој апарат се работи и на обука и на кадарот кој ќе работи со опремата”, додаде Тодоров.
Министерството распиша тендер и за набавка на три нови апарати за компјутерска томографија со рок на испорака од пет месеци од денот на склучување на договорот. Овие три апарати ќе бидат инсталирани на Клиниката за детски болести, Клиниката за неврологија, како и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо од Охрид.
Клиничката болница во Тетово, за прв пат ќе добие мамографски систем со кој ќе се унапреди скринингот за рак на дојка во овој регион од државата.
Специјалната болница Св. Еразмо ќе добие и нов рентген апарат на кој дневно ќе се прават од 150 до 200 снимања.