Со 415.000 евра, Владата на Република Македонија ќе ја поддржи промоцијата на македонското извозно земјоделско производство на светски реномирани земјоделски саеми во текот на оваа година.
Македонските вина, овошје и зеленчук ќе бидат промовирани на саеми во САД, Кина, Москва, Германија, Литванија, Полска, Швајцарија, Холандија и Словенија, соопшти владиниот портпарол Александар Ѓеорѓиев.
„Промоциите ќе бидат насочени онаму каде веќе има етаблираност на македонското земјоделско производство, но во недоволен обем и постои простор за зголемување на таа промоција и аналогно на тоа и зголемување на прометот, или присуство и промоција на пазари кои се брзорастечки, а населението има голема куповна моќ. Тоа се пред се земјите од Азија, во прв ред Кина. Ќе одиме на проширување на оваа палета на промотивни активности на саемите во САД, каде има определено присуство и познавање за македонските земјоделски извозни производи, изјави Ѓеорѓиев.
Ѓорѓиев додаде дека ќе се поддржи присуствота на Саемот за вино во Пекинг и дека се разгледува можноста за промоција на македонските производи на Саемот во Хонг Конг или Гуангџоу, кој е најголем град во светот. Во Европа ќе биде поддржано присуството на Саемот Фрутологистика во Берлин, еден од најголемите светски саеми на овошје и зеленчук, потоа присуството на македонското вино на саемот во Вилнус, Литванија, во Полска, Холандија, Швајцарија и Словенија. Во Руската федерација ќе биде поддржано присуството на вино и овошје и зеленчук на два саеми во Москва.
„За првпат оваа година организирано со финансиска помош ќе биде одржано претстување на вино, овошје и зеленчук во Северна Америка, односно на саемите за храна и вино во Њујорк, изјави Ѓеорѓиев.
Листата на саеми е направена во соработка со самиот еснаф и консултирани се земјоделските здруженија, асоцијациите на производители и продавачи на вино и на производители и продавачи на овошје и зеленчук.
Владата на Република Македонија финансиски ќе ги покрие сите трошоци што значат обезбедување на простор во рамките на самите саемски манифестации, закупување на штанд, комплетно финансирање на штандот и печатење и дистрибуција на промотивен материјал од областа на земјоделските производи.
„Сакаме да апелираме до сите наши земјоделски компании да ја искористат оваа можност. Во Министерството за земјоделство се на располагање во секој момент да им ги објаснат сите детали и аспекти, како може да се пријават за да присуствуваат на овие саеми”, изјави Ѓеорѓиев.
Финансиската поддршка за промоција на македонски земјоделски производи Владата обезбедува веќе неколку години по ред. Минатата година само во деновите кога македонските производи биле присутни на тие саеми се склучени зделки во висина од 11,5 милиони евра, производи кои од Македонија се извезени во други земји. Во 2013 година за оваа намена биле одвоени 215.000 евра.