Ревизорите предупредуваат за злоупотреба на парите од Европската Унија

Минатата година Европската Унија спротивно на правилата и без цел потрошила 3,8 отсто од буџетот, но вкупниот годишен биланс е позитивен и нема материјални грешки во извештајот за буџетските приходи, соопшти денеска Судот на ревизори на ЕУ.

Во годишниот извештај судот наведе дека од вкупно потрошени околу 176,3 милијарди евра од буџетот, без цел се потрошени околу 6,7 милијарди евра и дека тоа е сепак превисока сума.

Со традиционалните буџетски распределби, најмногу неправилности имаше во кохезионата политика во делот на вработувањето, растот и регионалниот развој, како и со издвојувањата за земјоделството и заштитата на животната средина. Најголем дел од ненамерното трошење било во доменот на јавните набавки и финансирањето на неодржливи проекти, утврдил судот, пренесува Бета.

Судските експерти во соопштението наведуваат дека оваа информација е важна за граѓаните, кои сакаат да имаат доверба дека ЕУ со свои пари финансира успешни проекти.

Судот на ревизори се осврна и на досегашните преговори за идниот буџет, односно повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, од која Европската комисија сака да издвојува средства многу повеќе условени со реформи, конкретни цели и достигнувања.

Затоа, ревизорите конкретно побараа ЕУ во новиот повеќегодишен буџет да ги избегне грешките што ги направи со Механизмот за реконструкција и отпорност, кој беше воспоставен во времето на пандемијата на корона вирусот и не беше дел од буџетот на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година.

Минатата 2025 година беше претпоследна година од траењето на тој механизам, од кој членките на ЕУ можеа да повлечат средства за инвестициски и реформски проекти.

Судот утврди дека од тој фонд во 2025 година биле извршени огромни исплати спротивно на правилата. За да ги добијат парите, земјите од ЕУ мораа да презентираат конкретен план за инвестиции и реформи и да достигнат одредени пресвртници, што често не беше случај.

Според наодите на ревизорот, од вкупно 37 исплати од тој фонд, девет не биле во согласност со прописите и поставените услови.

Судот на ревизори утврди и дека одредени земји свесно „козметички“ ги разубавуваат резултатите за да добијат пари од ЕУ или го спуштиле прагот на поставените цели откако веќе започнала исплатата на парите од ЕУ.

„Во основа, целите беа едноставно намалени за да се осигури дека парите се исплатени“, рече Тони Марфи, претседател на Судот на ревизори на ЕУ.

„Доколку ЕУ сака да премине на нов буџетски модел, кој повеќе не се базира на компензација на трошоци, тогаш мора да учи од минатото искуство и да ги исправи грешките што се препознаени. Мора да се осигураме дека парите на ЕУ постигнуваат конкретни резултати за нејзините граѓани“, нагласи Марфи.

Извештајот, исто така, предупредува на прекумерното задолжување на ЕУ, кое би можело да порасне на една милијарда евра до 2027 година, што е околу десет пати повеќе отколку пред пандемијата и создавањето на Механизмот за реконструкција во 2020 година.

Исто така, се нагласува дека проценетата стапка на злоупотреба на пари во 2025 година не е индикатор за измама, неефикасност или расипништво, туку едноставно за трошење пари спротивно на законите на ЕУ и националните закони. Сепак, ревизорите, исто така, пронајдоа 17 случаи во кои се сомневаат на измама, а тие случаи беа проследени до надлежните тела на ЕУ.