
Европските берзански индекси денес беа мешани, технолошките акции беа под притисок, а нафтата од типот Брент падна на околу 104 долари за барел, бидејќи испораките на саудиска нафта по алтернативни рути и ослободувањето на енергетските резерви ги ублажија загриженостите околу конфликтот на Блискиот Исток.
Фјучерсите за нафта од типот Брент од Северното Море за испорака во декември паднаа за 1,66 проценти на 104,31 долари за барел, додека американската сурова нафта WTI за испорака во ноември падна за 1,09 проценти на 94,05 долари за барел, објави CNBC.
Акциите на технолошките компании во Европа паднаа утрово за 3,32 проценти, како и на рударските компании за 3,27 проценти, а телекомуникацискиот и индустрискиот сектор се во плус.
Инвеститорите во Европа денес анализираат податоци за британскиот економски раст, инфлацијата во Франција и индустриското производство во Европа, и ги следат вестите од годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Бангкок, кој трае до 18 октомври.
Европските фјучерси за гас за ноември беа продадени денес на отворањето на Амстердамската берза TTF по цена од 87,795 евра за мегават-час, или околу 922 евра за 1.000 кубни метри, со коефициент од 10,5 MWh/1.000 m³.
Според податоците од берзата во 9:30 часот наутро, германскиот берзански индекс DAX падна за 0,39 проценти, италијанскиот FTSE MIB за 0,41 процент, а московскиот IMOEX за 0,24 проценти, додека францускиот CAC 40 е во пораст за 0,09 проценти, британскиот FTSE 100 за 0,29 проценти.
Вредноста на еврото во однос на доларот на Форекс берзата денес е 1,12129 долари.
Цената на златото се искачи на 4.143,19 долари за тројанска унца, а цената на пченицата падна на 6,6908 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).











