Над 9.000 лица оваа година ќе бидат опфатени со владините програми за вработување, за што се одвоени 525.788.240 денари. Од овие 9.000, повеќе од 4.000 вработувања ќе бидат директни вработувања.
Најдобри резултати даваат мерките кои се преземани за самовработување, односно 5.806 лица се досега финансирани за да започнат сопствен бизнис. Најчести бизниси во кои луѓето одлучуваат да се самовработат се угостителството, услужните дејности, производството, градежништвото.
Огласот по основ на самовработување е објавен денеска, а заинтересираните граѓани своите бизнис планови ќе можат да ги доставуваат до 24 јануари. Предвидено е оваа година да се финансираат 950 лица кои ќе решат да започнат сопствен бизнис.
На огласот можат да се пријават сите лица кои активно бараат работа.
Влатко Поповски, директорот на Агенцијата за вработувањена Република Македонија (АВРМ), истакна дека денеска до 14 часот, смс порака ќе добијат сите лица кои се евидентирани во списокот на Агенцијата за вработување и кои изразиле желба да учествуваат во огласот.
“Во моментов активно бараат работа 96.685 лица и интересно е тоа што од пасивната на активната листа за барање на работа се префрлени дури 5.400 лица”, рече Поповски.
Според владините мерки, приоритет за вработување имаат загрозените категории на граѓани, долгорочно невработените, како и младите до 29 години. Покрај овие мерки, во тек е и спроведување на пилот проектот за вработување на припадниците на ромската етничка заедница, како и пилот програмата – инкубатор за занаетчии кои се очекува да дадат свои резултати.