
Во центарот на изложбениот простор на Салонот во Париз кај Peugeot се најдоа две светски премиери, RCZ Vision и Peugeot E-T16 Concept
Во центарот на изложбениот простор кај Peugeot се најдоа две светски премиери, RCZ Vision и Peugeot E-T16 Concept кои беа дополнети со новиот E-208 GTi како и тркачкиот 9X8 од Ле Ман. Заедно, тие ја прикажаа врската меѓу наследството на марката, современиот дизајнерски идентитет и технолошките решенија што би можеле да ги обликуваат идните сериски автомобили. Во Париз отпатувавме за да ги запознаеме новитетите од куќата на „лавот“ од прва рака, а патувањето го овозможи Еуроимпекс, генералниот увозник на Peugeot во Македонија.
Спортскиот автомобил како дизајнерски манифест
Најдиректната порака за иднината на дизајнот на марката доаѓа преку RCZ Vision. Името потсетува на некогашното спортско купе RCZ, но концептот не е само носталгично навраќање кон минатото. Тој претставува обид да се дефинира нова форма на спортски автомобил, во која пропорциите, светлосниот потпис и дигиталното опкружување се дел од единствена дизајнерска целина. Ниската каросерија, нагласените мускулести површини и препознатливите светлосни елементи ја изразуваат новата естетска насока на Peugeot. Посебно значење има технолошката основа на концептот кој е развиен врз архитектура базирана на STLA One, а во неговиот технолошки пакет е вклучен и системот steer-by-wire или управување без традиционална механичка врска меѓу управувачот и тркалата. Тоа отвора можности за пофлексибилно приспособување на односот на управување, поинакво осмислување на возачкото место и поефикасно интегрирање на електронските системи. Што од друга страна е вистинскиот предизвик, како да се зачуваат прецизноста, предвидливоста и чувството за контрола што се суштински за спортски автомобил.
Наследството на 205 T16 добива електричен продолжеток
Со моделот Peugeot E-T16 Concept марката ја прикажува иднината на перформансите. Развиен во соработка со Peugeot Sport, концептот се повикува на легендарниот 205 T16 и на неговите успеси во Светскиот рели шампионат во 1985 и 1986 година. Но, наместо едноставно да го повтори изгледот модел, E-T16 ја пренесува неговата натпреварувачка ДНК во современа електрична форма. Широката и мускулеста каросерија, агресивните отвори за воздух и впечатливите светлосни елементи создаваат автомобил што повеќе наликува на тркачки прототип отколку на конвенционален спортски хечбек. Пријавената системска моќност од 816 КС и забрзувањето од 0 до 300 км/ч за само 16 секунди го сместуваат концептот во категорија на екстремни електрични перформанси. Станува збор за демонстрација на инженерскиот потенцијал, а не за најава на автомобил подготвен за сериско производство. Сепак, E-T16 истовремено ја најавува насоката во која би можела да се развива следната генерација на 208, особено во однос на светлосниот потпис, кокпитот и интеракцијата со возачот.
Управувањето влегува во нова технолошка ера
Еден од најважните заеднички елементи на концептите е Hypersquare, неконвенционален управувачки интерфејс што Peugeot го поврзува со идната генерација на i-Cockpit. Неговото значење оди подалеку од необичната форма. Во комбинација со steer-by-wire, Hypersquare овозможува поинакво осмислување на управувањето, намалување на потребните движења на рацете и приспособување на реакциите на системот во зависност од брзината и условите на возење. Токму затоа е значајно што Peugeot не го претставува Hypersquare изолирано, туку како дел од поширока промена на возачкото искуство.
E-208 GTi и 9X8, како мост меѓу сериските автомобили и мотоспортот
Peugeot не ја насочи целата изложба кон далечната иднина. Новиот E-208 GTi имаше важна улога во прикажувањето како спортскиот идентитет може да се пренесе во сериски електричен автомобил. До него, иконскиот 205 GTi потсети на корените на спортската ознака, додека тркачкиот 9X8, кој се натпреварува во Светскиот шампионат во издржливост, ја претстави компетентноста на марката во врвниот мотоспорт. Оваа поставеност не е случајна, спортската историја е средство за дефинирање на карактерот на идните модели, а не само дел од музејската колекција.
Повеќе од дизајн, повеќе од моќност
Вистинската вредност на овие концепти нема да се мери само според нивниот изглед или импресивните бројки. Клучното прашање е кои решенија ќе преминат во сериските автомобили и како тие ќе влијаат врз секојдневното возење. Peugeot во Париз не прикажа само поглед кон автомобилите на иднината. Понуди аргумент дека, дури и во електричната ера, автомобилот може да остане предмет на страст, под услов технологијата да не ја замени емоцијата, туку да ја направи уште поинтензивна.
Преземено од Автоплус.мк










