
Германскиот автомобилски гигант БМВ им нуди на некои вработени отпремнини од повеќе од 650.000 евра со цел доброволно да ја напуштат компанијата.
Интересот за заминување е толку голем што интерниот портал каде вработените можат да ги проверат своите понуди привремено престана да работи. Во меѓувреме, BMW привремено ја стопираше програмата за обработка на дојдовните барања.
Според информациите на германски Handelsblatt, поединечни вработени можат да добијат повеќе од 650.000 евра за взаемно раскинување на договорот за вработување. Ова се исклучително високи отпремнини, дури и за германската автомобилска индустрија.
Ваквите суми не се правило, туку се однесуваат на поединечни случаи. БМВ не сакаше да потврди конкретни суми, со образложение дека не ги коментира поединечните договори со вработените.
На 8 октомври, BMW започна програма за доброволни заминувања. Десетици илјади вработени добија известување дека преку интерен портал можат да проверат колку ќе им плати компанијата доколку си заминат.
Одзивот беше толку голем што порталот не можеше да го издржи товарот и привремено престана да работи.
Од BMW го потврдија исклучително високиот интерес на вработените за понудените услови, но официјално не потврдија дека токму брзањето ги предизвикало техничките проблеми.
Според извештаите на германските медиуми, компанијата привремено ја прекинала програмата неколку дена по лансирањето со цел да ги обработи дојдовните барања. Не се знае кога повторно ќе дозволат нови апликации.
Тие планираат да укинат 8.000 работни места
До крајот на 2027 година, BMW има намера да укине околу 8.000 работни места ширум светот. Програмата за доброволни заминувања во Германија е наменета за приближно 40.000 вработени, пред сè оние во администрацијата, менаџментот, истражувањето и развојот.
Вработените кои работат директно во производството не се вклучени во таа програма.
Висината на отпремнината зависи пред сè од платата и годините поминати во компанијата. БМВ на вработените им нуди и дополнителни бонуси доколку се согласат да заминат предвреме.
Според документите што ги видел Handelsblatt, планираните датуми на поаѓање се 31 март и 31 октомври 2027 година.
Отпремнините може да се исплатат одеднаш или на рати, а вработените под одредени услови дел од парите да ги насочат во пензиски заштеди.










