
Европската Унија сè уште не постигнала договор за отплата на 750 милијарди евра долг направен за финансирање на закрепнувањето од пандемијата, предупреди претседателот на Европскиот суд на ревизори Тони Марфи, потсетувајќи на предлогот за воведување нов данок врз мултинационалните компании што работат на пазарот на ЕУ.
Долгот на ЕУ на крајот од минатата година изнесуваше 738,9 милијарди евра, што е за околу 23 проценти повеќе отколку во 2024 година, проценија ревизорите во годишниот извештај за 2025 година. До крајот на 2027 година, тој би можел да порасне на една милијарда евра, првенствено поради инструментот за економско закрепнување од последиците од пандемијата.
Во периодот од 2028 до 2034 година, само трошоците за камата поврзани со неповратливата поддршка од тој инструмент би можеле да достигнат дури 93 милијарди евра, според ревизорите во извештајот. Предлозите на Европската комисија за следниот буџет предвидуваат значително дополнително задолжување со цел да се обезбеди поддршка на Украина, спроведување на националните планови управувани од земјите-членки и евентуално користење на механизам во случај на сериозна криза.
„Спорните износи би можеле да бидат доста големи. На пример, кредитите за Украина одобрени или договорени од 2014 година, вклучувајќи го и кредитот за поддршка на Украина од 90 милијарди евра, одобрен на почетокот на 2026 година, достигнаа износ до 170,1 милијарди евра, од кои 70,3 милијарди евра се исплатени до крајот на 2025 година“, се наведува во извештајот на Европскиот суд на ревизори.
Затоа е неопходна претпазливост при планирањето на идните буџети бидејќи може да се појави значителен дефицит на ниво на ЕУ доколку не се постигне договор за нови извори на приходи, предупредуваат ревизорите. Во тој случај, би биле потребни тешки одлуки, како што се зголемување на националните придонеси или усвојување помалку амбициозни буџети.
Ситуацијата наликува на експрес-лонец, заклучи Марфи во интервју за порталот „Репортер“, осврнувајќи се на проценките дека долгот на ЕУ би можел да достигне една милијарда евра до крајот на следната година. Тој е особено загрижен од фактот што ЕУ сè уште не постигнала договор за отплата на долгот од 750 милијарди евра направен за финансирање на закрепнувањето од пандемијата, во согласност со одлуката од 2020 година.
ЕУ треба да го отплати долгот направен за време на пандемијата во период од 30 години, до 2058 година, но сè уште не е постигнат договор за начинот на отплата, а некои влади предлагаат и репрограмирање на долгот. Кога беше договорено заедничко задолжување, Европската комисија предложи долгот да се отплаќа и сервисира од приходите од нов данок што би им се наметнал на мултинационалните компании што работат во ЕУ.
„Долгот не е проблем ако е одржлив. Одговорното управување со буџетот бара извор на приход од кој долгот би можел да се врати, така што ќе има одредена предвидливост во отплатата“, рече Марфи.
„Неверојатно е што Комисијата мора да обработи и исплати 90 милијарди евра до крајот на декември“, смета претседателот на Европскиот суд на ревизори, предупредувајќи на силен притисок за олабавување на правилата за финансирање и одговорност за да се исполни рокот.
Во годишниот извештај за 2025 година, ревизорите дадоа условно мислење за расходите од Механизмот за закрепнување и отпорност (RRF). Ова значи дека се идентификувани одредени проблеми, но тие не биле широко распространети, пренесува Хина. Како што наведуваат, на земјите-членки на ЕУ понекогаш им било дозволено да ги намалат барањата или обемот на обврските преземени во рамките на плановите за закрепнување, без да дадат убедливи причини и докази.
Кога станува збор за редовното трошење на буџетските средства на ЕУ, ревизорите откриле дека грешките биле значајни и широко распространети, поради што изразиле негативно мислење за расходите на ЕУ седма година по ред. Највисоки стапки на грешки се забележани кај кохезиското финансирање, кое поддржува инвестиции во работни места, економски раст и регионален развој, како и во областите на земјоделството и животната средина.
Стапката на грешки во кохезиските расходи се зголеми од 5,7 проценти во 2024 година на 6,6 проценти во 2025 година, додека стапката на грешки во земјоделството и животната средина се зголеми од 2,6 на 3,9 проценти. Меѓу најчестите проблеми се финансирањето на проекти или трошоци што не ги исполнуваат











