Европската комисија размислува за вклучување на приходите од глобалниот даночен договор во буџетот на ЕУ

Европската комисија ја разгледува можноста за користење на приходите од глобалниот даночен договор поврзан со мултинационалните компании за финансирање на следниот седумгодишен буџет на Европската Унија, изјавија денес четворица дипломати од ЕУ кои се запознаени со овој процес.

Дипломатите за бриселскиот весник „Политико“ изјавија дека идејата би можела да го олесни постигнувањето договор за нови даноци на ниво на ЕУ, познати како „сопствени ресурси“, кои се појавија како една од главните пречки во тековните разговори за буџетот.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги повика земјите-членки да одобрат воведување нови даноци со цел да се намалат националните придонеси во буџетот на Унијата, кои според најновиот предлог од почетокот на овој месец изнесуваат 1,82 милијарди евра.

Кошта, кој посредува во преговорите за буџетот, врши притисок врз лидерите да постигнат договор до крајот на годината, пред изборите во Полска, Франција и Италија да се заканат да го загрозат процесот на преговори.

Сепак, по повеќе од една година препирки, владите на земјите од ЕУ сè уште се поделени околу петте предложени нови даноци, за кои Европската комисија проценува дека би донеле приходи од 65 милијарди евра годишно.

Меѓу опциите на маса, корпоративниот данок познат како CORE, кој предвидува паушален данок за компаниите чии приходи надминуваат 100 милиони евра, се покажа како најнепопуларно решение и предизвика особено силен отпор во Германија.

Според даночниот договор на ОЕЦД од 2021 година, земјите од ЕУ се обврзани да воведат минимална стапка на данок на добивка од 15 проценти за големите мултинационални компании чиј годишен промет надминува 750 милиони евра.

Соединетите Американски Држави, со многу контроверзии, се осигураа дека се ослободени од овие правила, воведувајќи национален даночен систем кој е оценет како еквивалентен на рамката на ОЕЦД.

Крајната цел е да се спречи земјите да се натпреваруваат за да понудат сè пониски стапки на корпоративен данок за да привлечат големи мултинационални компании.

Кошта ќе ги испита ставовите на владите пред да предложи нови буџетски бројки и даноци на ниво на ЕУ, пред самитот на лидерите на 26 и 27 ноември.