
Од 1 мај започнува да функционира нова директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват, која во почетниот период ќе сообраќа двапати неделно. Веста ја објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната заедничка прес-конференција со вицепремиерот на Црна Гора, Филип Ивановиќ, истакнувајќи дека оваа линија е директен резултат на разговорите водени во Подгорица пред 20 дена.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, ова ќе придонесе не само за зголемување на бројот на патници, туку и за раст на туризмот и економијата.
„ Она што пред 20 дена го разговаравме при нашата посета на Црна Гора, се реализира. Оваа авиолинија се надевам дека сериозно ќе придонесе во зголемување на бројот на патници, но и зголемување на туризмот и на бизнисот. Се надевам дека оваа авиолинија ќе ја користат многу луѓе“, рече Николоски на денешната заедничка прес-конференција со вицепремиерот на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
На средбата, двајцата вицепремиери разговарале и за развој на економската соработка и договориле следната година да се одржи голем бизнис форум на компании од двете држави.











