Германската индустрија и понатаму ја губи конкурентноста, најголеми проблеми има во авто-секторот

Германската индустрија продолжува да ја губи меѓународната конкурентност, иако темпото на влошување донекаде се забавува, а најголемите проблеми се забележуваат во автомобилската индустрија, според анкета објавена денес од Минхенскиот економски институт Ифо, спроведена во октомври.

Влошување на конкурентската позиција на пазарите надвор од Европската Унија пријавиле 25,8 проценти од индустриските компании, додека 7,7 проценти оцениле дека нивната позиција се подобрила. Во претходното истражување, спроведено во јули, уделот на компаниите што пријавиле подобрување беше 5,2 проценти. Слични проблеми се присутни и на пазарот на Европската Унија, каде што 17,7 проценти од компаниите оцениле дека конкурентската позиција на германската индустрија се влошила, додека 7,6 проценти пријавиле подобрување.

Најголемо влошување е забележано во автомобилската индустрија, каде што 49,1 процент од компаниите што се натпреваруваат на пазарите надвор од Европската Унија пријавиле слабеење на нивната конкурентска позиција, во споредба со 43 проценти во јули.

Притисокот е изразен и во металуршката индустрија, каде што 39,7 проценти од производителите на метал пријавиле влошување, како и 30,2 проценти од производителите на метални производи.

Спротивно на тоа, некои делови од германската електроиндустрија бележат подобрување на конкурентноста. Уделот на производителите на електрична опрема кои пријавиле влошување на конкурентноста на пазарите надвор од ЕУ се намалил од 24,5 проценти во јули на 18,3 проценти во октомври.

Во случајот со производителите на опрема за обработка на податоци, електронски и оптички производи, тој удел се намали од 20,2 на 11,2 проценти, додека машинската индустрија, исто така, проценува дека нејзината конкурентска позиција е малку подобрена.

„Германската индустрија продолжува да губи позиции на меѓународниот пазар, иако овој пад се чини дека малку се забавува“, рече Клаус Волрабе, раководител на истражувањата во Институтот Ифо.

Тој посочи на проширување на разликите меѓу индустриите, бидејќи одредени сектори на германската индустрија успеваат да ја вратат конкурентноста, додека автомообилската и металуршката индустрија продолжуваат да заостануваат.

Германската индустрија за пијалоци останува единствениот голем сектор кој успеа да ја подобри својата конкурентска позиција и во Европската Унија и надвор од неа.

Фото: gemini