Европската централна банка предупредува на ризиците од преценување на фирмите за вештачка интелигенција, јавен долг и геополитички тензии

Европската централна банка (ЕЦБ)  предупреди дека ризиците за финансиската стабилност на Еврозоната остануваат зголемени поради високите очекувања за заработка од компаниите што развиваат вештачка интелигенција, растечките фискални нерамнотежи во големите економии и геополитичките тензии.

Во ноемврискиот извештај за финансиската стабилност, ЕЦБ наведе дека високите вреднувања на компаниите за вештачка интелигенција би можеле да ги направат финансиските пазари ранливи на ненадејни корекции, особено ако очекуваниот раст на заработката не се материјализира или конкуренцијата доведе до поевтини модели на вештачка интелигенција.

Силниот раст на инвестициите во инфраструктурата за вештачка интелигенција сè повеќе се финансира од долг, што значи дека евентуалната промена во расположението на инвеститорите би можела да ги пренесе загубите од берзата на пазарот на обврзници, се наведува во извештајот.