Друштвата за брзи кредити ќе вратат над 140 милиони денари на повеќе од 26.000 граѓани

Над 140 милиони денари ќе им бидат вратени на повеќе од 26.000 корисници на брзи кредити, откако вонредните контроли на Државниот пазарен инспекторат открија незаконска наплата на трошоци за опомени и други неправилности кај финансиските друштва.

Портпаролката на Владата, Марија Митева ја информира јавноста за одлуката на Владата да се провери работењето на сите лиценцирани финансиски друштва или да биде поедноставно за јавноста, проблемот со брзите кредити.

-Институциите работеа тивко, посветено и со целосен фокус. Само четири месеци по преземената обврска, денес ние го имаме резултатот. Морам да потенцирам дека за првпат Државниот пазарен инспекторат спроведува надзор од ваков обем. Во овој сектор, ги опфати сите 27 лиценцирани финансиски друштва.

Она што за нас како Влада е исклучително важно е што со донесените решенија, овие друштва се задолжени да вратат над 140 милиони денари на повеќе од 26.000 граѓани низ целата држава, рече Митева на денешната прес-конференција со директорот на ДПИ и министерот за економија.

Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски информира дека во изминатите три месеци Инспекторатот спровел континуирани вонредни инспекциски надзори кај сите 27 финансиски друштва со лиценца од Министерството за финансии за одобрување кредити на физички лица. Тој нагласи дека контролите не се однесуваат само на тековната 2026 година, туку го опфаќаат и периодот од 2023, 2024 и 2025 година.

-Финансиските друштва имаат наредба во рок од 30, 60 и 90 дена да постапат и да им ги вратат средствата на граѓаните. По истекот на роковите ќе следуваат контролни надзори од страна на Државниот пазарен инспекторат, рече Стојкоски.

Кај 12 финансиски друштва, додаде тој, било утврдено дека спротивно на член 36 од Законот за заштита на потрошувачите им наплатувале на клиентите за доставени известувања и опомени поради доцнење или неплаќање на доспеаните обврски по основ на кредити.

При инспекциските надзори кај две финансиски друштва било утврдено и дека сметководствената евиденција не се води согласно Законот за трговските друштва и Законот за сметководството, поради што дел од потребната документација не била обезбедена во соодветната законска форма. За констатираната состојба билo известено Министерството за финансии за понатамошно постапување. Стојкоски појасни дека двата правни субјекта се поголеми финансиски друштва со повеќе експозитури низ државата.

Во однос на казните, тој појасни дека нивниот износ зависи од видот и бројот на прекршените одредби, при што се движат од 2.000 до 10.000 евра за една мерка по финансиско друштво. Кај дел од друштвата биле утврдени прекршувања на повеќе одредби, за кои се изречени соодветен број мерки.