Франција веќе е во техничка рецесија? Економијата падна за 0,2 отсто во третиот квартал

Француската економија забележа пад од 0,2 проценти во третиот квартал од 2026 година, по стагнацијата во претходниот квартал, додека кумулативниот раст на БДП од почетокот на годината изнесуваше само 0,1 процент, според конечните податоци објавени денес од Националниот институт за статистика и економски истражувања (Insee).

Според пресметката на весникот „Фигаро“ врз основа на детални податоци за движењето на БДП, Франција веќе влезе во техничка рецесија, бидејќи економската активност малку се намали и во вториот и во третиот квартал од 2026 година.

Во официјалното соопштение на институтот, пак, вториот квартал од 2026 година е означен како период на стагнација, бидејќи падот бил занемарлив и заокружен на нула.

Куповната моќ на домаќинствата се опорави во третиот квартал од 2026 година, зголемувајќи се за 0,2 проценти по падот од 0,5 проценти во претходниот квартал, додека стапката на штедење остана непроменета на 17,4 проценти од расположливиот доход.

Потрошувачката на домаќинствата малку го забрза растот на 0,3 проценти, но инвестициите продолжија да паѓаат, овој пат за 0,9 проценти.

Францускиот извоз забележа пад од 1,6 проценти, додека увозот стагнираше, па надворешната трговија имаше негативно влијание врз БДП.

Владата во Париз претходно постави како цел економски раст на Франција од 0,5 проценти во 2026 година, но тоа сега не изгледа сосема реално, забележува порталот BFM Business.

За да се постигне таа цел, француската економија ќе мора да забележи силен економски раст од 1,6 проценти во четвртиот квартал од 2026 година.