Во Македонија невработени 29 отсто од младите, во Германија и Малта под 7,5 проценти

Македонија се наоѓа на неславното трето место во Европа по висината на младинската невработеност, со стапка од 29 проценти во вториот квартал од 2026 година, покажува анализата на „Еуроњуз“ (Euronews) базирана на податоците на Евростат за 35 европски земји. Полоша состојба кај младите на возраст од 15 до 24 години на стариот континент имаат единствено Босна и Херцеговина со 32,2 отсто и Романија со 30,7 отсто, додека на спротивниот крај од листата се Малта и Германија со стапки под осум проценти.

Невработеноста кај лицата на возраст од 15 до 24 години во ЕУ е три пати поголема од стапката кај луѓето на возраст од 25 до 74 години. Каде во Европа е највисока невработеноста кај младите и што помага да се објасни јазот помеѓу двете возрасни групи?

Во Босна и Херцеговина, речиси еден од тројца економски активни лица на возраст од 15 до 24 години биле невработени во вториот квартал од 2026 година. Тоа била највисоката стапка меѓу анализираните земји. Во Малта, која имала најниска стапка, бројката била околу еден од 15. Низ целата ЕУ, таа била околу еден од шест.

Меѓу 35-те европски земји во податоците, невработеноста кај младите е највисока во Босна и Херцеговина со 32,2%. Следат Романија (30,7%) и Северна Македонија (29%).

Земјите каде што барем еден од пет млади луѓе во работната сила не можат да најдат работа се Шведска (24,9%), Србија (24,2%), Шпанија (23,9%), Финска (23,2%), Естонија (22,8%), Франција (21,6%) и Хрватска (20%).

Во овие земји, многу млади луѓе се борат да најдат прва работа и да стекнат работно искуство што го бараат работодавците.

Невработеноста кај младите е најниска во Малта и Германија
Малта (6,8%) и Германија (7,3%) имаат најниски стапки. Холандија (8,6%), Швајцарија (9,2%) и Австрија (9,7%) се исто така под 10%.

Невработеноста кај младите, исто така, значително варира меѓу четирите најголеми економии на ЕУ. Додека стапката е 7,3% во Германија, таа е многу повисока во другите три: 18,2% во Италија, 21,6% во Франција и 23,9% во Шпанија.