
Европската централна банка (ЕЦБ) можеби ќе мора да ги зголеми каматните стапки уште следниот месец, бидејќи се очекува инфлацијата во еврозоната да остане над три проценти и во текот на следната година, изјави во петокот членот на Управниот совет на ЕЦБ, Јоаким Нагел, кој е и претседател на германската Бундесбанка.
„Очекуваме дека инфлацијата би можела да остане над три проценти подолго време во 2027 година. Ова значи дека централната банка можеби ќе мора да преземе дополнителни мерки“, рече Нагел, додавајќи дека следниот состанок ќе се одржи во декември, според Ројтерс.
Нагел претходно овој месец објави дека ЕЦБ би можела повторно да ги зголеми каматните стапки уште во декември. Според него, таквата одлука би ја покажала решеноста на централната банка да ја врати инфлацијата на целта од два проценти. Нагел потсети дека ЕЦБ веќе двапати ги зголеми каматните стапки и процени дека можеби ќе биде потребно дополнително затегнување на монетарната политика.
Во интервју за германскиот јавен сервис Тагешау, тој тогаш рече дека новото зголемување на каматните стапки би испратило јасна порака до пазарот, бидејќи зголемувањето на цените на кредитите би придонело за забавување на инфлацијата. Тој нагласи дека ЕЦБ не сака да остави ниту најмал простор за сомнеж дека нејзината цел од два проценти не е остварлива и дека инфлацијата треба да се врати на тоа ниво што е можно поскоро.
Зборувајќи за порастот на цените на енергијата предизвикан од војната во Иран, Нагел оцени дека ситуацијата е тешка, но дека не може да се спореди со инфлаторниот шок по почетокот на војната во Украина, кога цените на гасот нагло пораснаа. Според него, сегашните ценовни притисоци се значително помали отколку пред четири години, кога месечната инфлација во одредени периоди достигнуваше околу десет проценти.











