Италијанската компанија Итек, која произведува композитни материјали, се очекува наскоро да инвестира во индустриската зона во Тетово. Итек планира во новата фабрика да инвестира 5 милиони евра, а во првата година да вработи 150 лица.
“Ова е првата инвестиција која Итек ќе ја реализира во индустриската зона во Тетово, преку локалната компанија Pro Comp Advance Technologies. Самиот објект ќе започне за брзо време да се гради на површина од 6.000 метри квадратни”, рече директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, Висар Фида.
Роберто Оскири, директорот на компанијата Итек, истакна дека соработката и понатаму ќе продолжи, но и дека се надеваат на успех во понатамошното работење.
„Среќен сум што се наоѓам во Македонија во оваа прилика и се надевам дека ќе имаме успех“, рече Оскири.
Според најавите, првата фаза на оваа инвестиција се очекува да заврши набрзо, додека пак, пласманот на производите е обезбеден првите две години.