Ирак ќе увезува македонски производи на својот пазар

48

Invest-in-Macedonia_large Бизнисмени од Ирак од следната недела ќе бидат во посета на Македонија за да се запознаат со нејзините стопански потенцијали. Бизнисмените се особено заинтересирани за индустриските и прехранбените производи, како и за секторите градежништво, туризам, здравство, образование и спорт.
Од Стопанската комора на Македонија информираат дека во Македонија доаѓа делегација на Унијата на ирачки бизнисмени чија цел е организирање на повеќе деловни мисии во текот на оваа година. Седиштето на Унијата се наоѓа во Багдад, а има 17 регионални канцеларии.
“Станува збор за стопанска асоцијација на претприемачи со личен висок интегритет, финансиски и административно независни. Соработуваат со владите, меѓународните организации. Ги поттикнува воспоставување на заеднички вложувања со цел реконструкција на економијата”, изјави Љубица Нури од Комората.
Идејата на веќе реализираните контакти е обновување на стопанските односи кои државата ги имала со Ирак пред 20 години.
“Ирачките компании се заинтересирани за увоз и дистрибуција на разни македонски производи на ирачкиот пазар, прехранбени, пијалоци, земјоделски производи, козметички и фармацевтски производи, градежништво и градежни материјали, индустриска опрема, трговија на производи за широка потрошувачка, мебел, транспорт, туризам… Бизнисмените ќе се запознаат со можностите за инвестирање и потенцијалите за водење на бизнис во Македонија. Во рамки на нивната посета, ќе се организираат и бизнис форуми за воспоставување на билатерални деловни контакти со македонските компании кои би се јавиле како нивни идни деловни партнери”, додаде Нури.
Според Нури, ирачкиот приватен сектор може да биде мост за пласман на македонските производи и во други држави од Блискиот Исток.