Можностите за водење бизнис и поволностите што им се нудат на странските инвеститори ќе бидат презентирани пред околу илјада меѓународни компании и владини претставници кои присуствуваат на Самитот во Бангалор во Индија.
Самитот започнува денеска, а ќе трае до среда и е еден од најзначајните собири во светот што го организира Конфедерацијата на индиската индустрија, со поддршка на индиската Влада.
Во составот на македониската делегација, која присуствува на самитот се министрите за странски инвестиции Џери Наумоф и за информатичко општество, Иво Ивановски, како и директорот на Технолошко-развојните иднустриски зони, Виктор Мизо.
Планирано е министерот Наумоф да ги претстави бенефициите што Македонија ги нуди на инвеститорите на панелот Ефективни начини на соработка со меѓународни партнери за овозможување на подобар и побрз развој.
Според Наумоф, самитот нуди можност компаниите да создадат нови бизнис соработки и е одлична прилика да се презентира Македонија.
Планирано е министрите Наумоф и Ивановски да одржат повеќе средби со претставници на меѓународни компании, а една од планираните е и со висок претставник на компанијата Midtree, која нуди глобални информатички решенија. Компанијата е стратешки партнер на повеќе од 40 компании од Fortune 500, и остварува приход околу 435 милиони долари.