Само 10% од младите се подготвени по студиите да започнат сопствен бизнис

37

Повеќето млади во Македонија по дипломирањето првото работно место го гледаат во јавната администрација, а само 10% се обидуваат да почнат свој бизнис. Таквата состојба, смета министерот за економија Ваљон Сарачини, може да се промени доколку младите своите идеи ги преточат во добар бизнис план и со субвенции од државата од 5.000 евра за да започнат бизнис.
За можностите од Програмата за поддршка на претпримништвото со која се одвоени 6,8 милиони денари, Сарачини денеска говореше пред студентите и раководството на Универзитетот на ЈИЕ во Скопје.
“Се работи за пакет мерки наменети за директна поддршка на студентите и младите кои ќе изготват добар бизнис план, а од Комисијата формирана за таа намена најдобрите ќе добијат по 5.000 евра за почнување бизнис”, изјави Сарачини.
Според него, доколку младите имаат добра бизнис идеја со субвенцијата во износ од 310.000 денари можат да почнат работа и да отворат нови работни места.
“Доколку се прашувате дали овие средства се доволни, ќе ве упатам на податокот дека во САД 85% од најуспешните компании почнале да работат со помалку од 5.000 евра”, посочи министерот за економија.
Рокот за аплицирање со бизнис идеи истекува на 25 овој месец. Минатата година, според Сарачини, искуствата од реализацијата на програмата се позитивни. Наградени се четири бизнис идеи на база на кои се отворени фирми и се вработени повеќе лица.
Годинава министерот очекува поголем интерес, како и поддршка од универзитетите преку помош на студентите во изготвување на бизнис плановите. Комисијата ќе направи селекција на најдобрите бизнис идеи кои во втората фаза ќе треба да работат со професори и експерти кои ќе им помогнат бизнис идеите да ги преточат во бизнис план. На крајот на мај годинава бизнис идеите ќе бидат претставени пред стопанските комори.
Ректорот на Универзитетот на ЈИЕ, Замир Дика истакна дека ги поддржуваат сите активности со кои може да се подигне нивото на претприемнички дух кај студентите и сите идеи за креирање нови работни места.
“Ние имаме стратешки план за развој на вакви компоненти, а овој проект од Министерството за економија е во таа насока. Мислам дека ваквите проекти за креирање идеи до развој на бизнис се успешни во сите земји и сметам дека ќе биде успешен и овој проект”, изјави Дика.