Судии и советници од Вишиот управен суд, од Управниот суд, од одделите за трговски спорови и граѓанските оддели на судовите од сите апелациски подрачја, претставници на Државното правобранителство на РM и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, денеска учествуваат на советување на тема Можни спорови во врска со искористувањето на ИПАРД фондовите.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска пред отворањето изјави дека советувањето има за цел да се запознаат судиите со статусот и надлежноста на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, но и со легислативата на Европската унија и домашната хармонизирана легислатива во поглед на користењето на предпристапните фондови-ИПА, поконкретно петата компонената ИПАРД.
“Ова е значајно со цел да се пресретнат идните евентуални случаи и спорови кои што може да се јават при примена на овие прописи, бидејќи во праксата може да се јават и управни спорови, граѓански спорови, a кривична постапка може да се поведе и за злоупотреба на одобрените средства”, рече Арнаудовска.
Соработката со Академијата, како што рече директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Тони Димовски, е во насока на натамошно транспонирање на законодавството на ЕУ во Македонија преку блиски средби со надлежните институции кои потенцијално може да носат одлуки за некои постапки кои се воделе во делот на имплементацијата на претпристапната помош на ЕУ-ИПА, конкретно во делот ИПАРД.
“Станува збор за презентирање на нашите искуства како Агенција, но исто така и искуствата на судиите во насока на натамошно дорегулирање на оваа материја преку националното законодавство, во контекс на преземените обврски на Република Македонија преку спогодбите кои ги има склучено со ЕУ кои се однесуваат на регулирање на оваа материја”, изјави Димовски.
Арнаудовска и Димовски денеска потпишаа и Меморандум за соработка со кој, како што рече Арнаудовска, се потврдува заедничката заложба на двете институции да дадат свој придонес за зајакнување на капацитетите на македонското судство, што е еден од главните приоритети за членство на РМ во ЕУ.