До Управата за јавни приходи, 143.000 граѓани доставиле Годишни даночни пријави, односно ги пријавиле своите дополнителни приходи во УЈП остварени во текот на 2013 година.
“Оваа година со пуштањето во употреба на е-даночните сервиси за граѓаните, над 1.000 граѓани го искористиле овој систем и електронски ја доставиле годишната даночна пријава”, информира Весна Новаковиќ од Управата за јавни приходи.
Годишните даночни пријави може да се поднесат до понеделник, 17 март, бидејќи последниот рок за доставување пријави е 15 март (сабота) кој е неработен ден и затоа се продолжува до наредниот работен ден, односно понеделник.
Освен во даночните канцеларии на УЈП, оние граѓани кои се наоѓаат во Скопје, а се од друга општина, може да ги достават своите Годишни даночни пријави до Контакт центарот на УЈП во Градскиот трговски центар во Скопје кој работи и утре до 20 часот.
УЈП, како што рече Новаковиќ, нема да има продолжување на работното време како во минатите години.
“Проширени се услугите на Управата, така што граѓаните покрај во даночните канцеларии имаат можност да ги поднесат ГДП и во мобилните даночни шалтери чии возни редови се објавени на веб страната, а отворени се и нови даночни шалтери во повеќе општини. Праксата за продолжување на работното време беше во првите години кога беше во екот на поднесување на ГДП”, појасни Новаковиќ.
Се очекува до УЈП до крајниот рок да се достават 170.000 годишни даночни пријави.