Убавините на Македонија претставени на саемот за туризам во Романија

76

Во периодот од 13 до 16 март, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го претстави туристичкиот производ и туристичките капацитети пред голем број романски тур оператори и посетители на саемот за туризам во Букурешт, Романија.

“На овој значаен за нас туристички пазар остваривме контакти со тур операторот Фибула Романија кој е во соработка со Фибула Македонија и кој веќе ја имаат Македонија во нивната туристичка понуда. Веќе организираат автобуски тури и очекуваат оваа сезона бројот на аранжмани значително да се зголеми поради атрактивноста на Македонија како туристичка дестинација. Исто така разговарано е со нив за поставување на чартер летови. По успешната презентација остварени се и средби со следниве тур оператори: Transilvania Тravel, Prisma Тour, Gibraltar Тravel, TMM Tour, Delta best tourism, како и Extreme Travel. Фактот дека имаме 40 врвови повисоки од 2000 метри туристичките работници од Романија се заинтересирани уште од мај да почнат да организираат тури за качување на највисоките врвови на македонските планини”, изјави Никола Костадинов, претставник од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Романските туристи со голем интерес и желба да дознаат што повеќе за Македонија го посетуваат штандот и најповеќе се интересираат за религиозниот и винскиот туризам, вклучувајќи ја и далеку познатата македонска кујна и секако природата која ги воодушевува.

Саемот за туризам во Букурешт е 11-ти по ред саем на кој Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ја претставува Република Македонија во тековнава 2014 година.