Со сертификација на шумите до извоз на мебел во ЕУ

58

Македонските компании кои произведуваат мебел оваа година може да се соочат со тешкотии и неможност за извоз во земјите од Европската Унија (ЕУ), доколку државата не почне со сертификација на шумите, предупредува организацијата Поврзување природни вредности и луѓе (ЦНВП).

Според ЦНВП, земјите од соседството веќе го имаат завршено процесот иако делумно, само на оние шуми кои се користат како суровина за производство на мебел.

Европската регулатива од март 2013 година налага длабинска анализа на потеклото на секој производ од дрво што се увезува во ЕУ. Оваа постапка не е едноставна и бара голем број податоци и документи од извозникот.

“Сертификацијата на шумите денес се смета за испробан и тестиран механизам за обезбедување докази за одржливо управување со шумите и им помага на производителите при сигурна достава на производи на пазарите во ЕУ и светот. Сертификацијата како алатка ја употребуваат корисници и сопственици на шуми и шумско земјиште низ целиот свет без разлика на нивната големина. Во Западна Европа половина од шумите се сертифицирани со една од сертификационите шеми достапни на пазарот во ЕУ и светот”, наведува ЦНВП.

Канцеларијата на ЦНВП во Скопје на 25-ти овој месец организира семинар на кој учесниците ќе ги споделат искуствата и предизвиците за сертификација на шумите во Црна Гора, Албанија, Косово и Македонија.

Целта на семинарот е да се промовира важноста на сертификацијата на шумите во земјите на Западен Балкан.