Турските бизнисмени ја осудија забраната на Twitter

44

twtrОдлуката што турската влада во четвртокот вечерта ја донесе за блокада на пристапот до Twitter, предизвика бурни реакции и критики против цензурата во турските медиуми и наиде на остра осуда од Европската унија. Против овој потег на владата се побунија и турските бизнисмени.

Асоцијацијата на турски индустријалци и бизнисмени (TÜSİAD) соопшти дека забраната на Twitter, која е против слободите, очигледно открива неосновани стравови и не и служи на демократијата.

“За жал, нашата земја не беше во можност да се ослободи од инстинктот за забрани во однос на пристапот до информации преку интернет, наместо да ја штити слободата на изразување и комуникација и да носи законски инфраструктури за развој на технологијата”, стои во соопштението од асоцијацијата, пренесува Заман.

Писмено реагираа и Асоцијацијата на млади бизнисмени (TÜGİAD) и Здружението на жени претприемачи на Турција (KAGİDER).

Властите за телекомуникации објавија во четвртокот вечерта дека го блокирале пристапот на Twitter по наредба на правосудството, откако премиерот Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ја забрани оваа социјална мрежа во знак на одмазда затоа што беа објавени снимки од телефонско прислушување кое го поврзува со скандал околу корупција.