Македонски наставници освоија прво место на едукативниот натпревар на Мајкрософт

43

Global-Forum-2014-Barcelona-Banner (1) Двајца македонски наставници го освоија првото место на глобалниот едукативен натпревар на Мајкрософт, кој се одржа од 11-14 март во Барселона, во конкуренција од над 1.100 учесници од 97 земји.

Дарко Талески и Софија Грабулоска се наставниците од Македонија кои ги споделија своите иновативни идеи за тоа како технологијата да помогне во образовниот процес и беа прогласени за најуспешни во категоријата Collaboration.

Покрај нив, на овогодинешниот 9-ти Глобален едукативен натпревар во организација на Мајкрософт, учество зема и Весела Богдановиќ – овогодишен победник на македонскиот државен натпревар од вкупно 186 проекти кои конкурираа на програмата Microsoft Educator Expert.

„Мајкрософт на глобално ниво во полето на образованието инвестираше над 750 милиони долари во изминатите 10 години, а ние како локална канцеларија веќе 4 години сме посветени на нашата стратегија за инвестирање во Мајкрософт програми во образованието и склучување на други форми на државни и јавни партнерства, за што досега вложивме над половина милион долари“, изјави Стефан Плавјански, генералниот директор на Мајкрософт за Македонија.

Плавјански додаде дека во таа насока, Мајкрософт во Македонија бесплатно ја нуди и својата Office 365 cloud базирана платформа за колаборација и зголемување на продуктивноста во работењето на сите образовни институции.

„Овој светски настан беше исклучителна можност за споделување на мноштво иновации и знаења од областа на образованието, а беа презентирани 260 проекти од 90 земји ширум светот. Проектот со кој ние ја претставивме нашата земја носи наслов Ова е мој глас и беше причина името на нашата држава да биде испишано на гала вечерта на доделувањето на престижните награди, во конкуренција на најголем број проекти досега презентирани на овој форум”, изјави Дарко Талески, еден од двајцата наградени наставници.

Целта на овој форум е споделување на најдобрите образовни пракси, размена на искуства и оддавање признание на најинвентивните училишни лидери и наставници, кои на најдобар начин преку технологијата им помагаат на учениците да го остварат својот потенцијал.