На Македонија и недостасува организирано и договорно производство на зеленчук и овошје

53

Зеленчукот и овошјето од Македонија, за да бидат конкурентни на пазарите во Европската унија, потребни се нов и заеднички асортиман, нова технологија и форми на земјоделско организирање. Ова е заклучокот од работниот состанок на претставниците од Агри Ленд од Скопје, Агрофруктус од Струмица и Федерацијата на фармери на Македонија, на кој главна тема беше моделот на организирано производство и откуп на овошје и зеленчук во Струмичко.
Според директорот на хрватски Агрофруктус, Денис Матијевиќ во Македонија има идеални климатски услови, има трудољубиви земјоделци кои знаат да произведат квалитетен зеленчук, но недостасува организирано и договорно производство.
“На овој регион сме од пред една-две години и како компанија специјализирана за откуп, дистрибуција и трговија со овошје и зеленчук, веќе ги согледавме проблемите во расцепканото, неуедначено и по сорти различно производство. Јас сум оптимист дека за две години со организирано и договорно производство ќе постигнеме воедначеност во асортиманот на зеленчукот, ќе ја примениме технологијата за производство и ќе постигнеме квалитет каков го бара европскиот пазар”, рече Матијевиќ.
За претставникот на Федерацијата на фармери на Македонија Никола Стаменов овие мерки се прифатливи. Тој се надева дека струмичките градинари лесно ќе ги применат, но според него, и понатаму камен за сопнување останува договарањето на откупната цена на овошјето и зеленчукот.
Партнер на Агрофруктус во Македонија е Агро Ленд, а нејзиниот директор Васил Трпевски вели дека најголемиот пласман на земјоделските производи е на западните пазари.
“Постои голем интерес на западноевропските пазари за македонскиот зеленчук и овошје. Тоа се гледа преку интересот што нашите производи го предизвикуваат на запад. Сепак треба да се поработи на организираното и договорно производство”, изјави Трпевски.