Financial Times позитивнo ја оценува македонската економија

12

Македонија се најде на 23 место според последната ранг листа на Дуинг бизнис (Doing business), пренесува угледниот весник Фајненшл Тајмс (Financial Times), во сторијата која беше објавена на блогот на весникот, насловена Macedonia: Doing Business?

Во сторијата се истакнува дека Македонија е цели 12 места пред Словенија, која обично беше прва помеѓу земјите од поранешна Југославија според годишниот извештај на Светската банка. Само Естонија, која е на 21. место и Грузија на 9., се пред Македонија.

Во статијата се констатира дека минималните даноци и понатаму се намалуваат доколку инвеститорите се сместат во една од технолошките индустриски зони, а многу од нив веќе се отворени за работа или се во изградба.

“Груевски е економист. Тој има амбициозни планови за инфраструктурата на Македонија, гради патишта и ја модернизира железницата за земјата да се поврзе со соседните земји како Бугарија и Албанија, со што граѓаните нема да мора да патуваат само преку Солун”, вели натписот.

“Владата, исто така, сака да привлече инвестиции во земјоделството, туризмот и текстилната индустрија, поради што се отвораат текстилни фабрики затоа што постои евтина можност за тоа, како и блискост со Европа и голема флексибилност”, се вели понатаму во натписот од ФТ.

Financial Times ја оценува Македонија како земја со доброобразована работна сила, каде повеќето граѓани зборуваат англиски јазик и плус друг светски јазик, земаат бруто плата од 430 евра месечно, притоа нагласувајќи дека не е ни чудо што многу инвеститори се заинтересирани да инвестираат во Македонија.

На крај како заклучок на статијата се спомнува и Скопје 2014, како проект на Владата за разубавување на главниот град на Македонија, при што државата инвестира во споменици и скулптури, од кои најистакната од нив е фонтаната висока 22 метри, наречена Воин на коњ.