Во Хрватска отворен прв DataCross центар за податоци

46

Во индустриската зона Јалшевац, Јастребарско, во близина на Загреб, отворен е првиот DataCross центар за податоци, единствен од таков вид во регионот. Во салите со сервери кои се простираат на 600 метри квадратни, се чуваат информации од непроценлива вредност. Повеќето закупци на серверите се големи странски информатички, телекомуникациски и финансиски компании, но присутни се и домашните министерства и јавни обвинителства.

“Центарот за податоци е мултифункционален центар од висока технологија кој на корисниците им пружа исклучително висок степен на безбедност. Центарот е единствен од таков вид на просторот од Австрија до Бугарија”, изјави хрватскиот министер за претприемништво, Гордан Марас.

Центарот е проектиран, изграден и опремен во рамките на највисоките прописи на Uptime Институтот, а моментално го задоволува TIER 3 стандардот. Тоа значи дека серверите од сите страни се заштитени со два армирано – бетонски ѕидови со дебелина од 25 сантиметри и можат автономно да работат три дена. Секое движење се следи во контролната соба со преку 80 камери и стотина сензори. Под салите со сервери се наоѓа подземна мрежа на тунели со ладење.

Проектот е мешана државно – приватна инвестиција. Домашниот инвестициски фонд Nexus FGS во него инвестираше 5,3 милиони евра, а пред неколку дена кредитно го следи и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

Градот Јастребарско е избран како локација затоа што се наоѓа на значително послабо трусно подрачје за разлика од Загреб и нема опасности од поплави.