Младиот иноватор од Карловац, Домагој Шоше, на јавноста и ја претстави својата револуционерна лажалка за плажа со сеф, за која се надева дека ќе ја промени визијата за туризмот. Идејата ја добил откако на плажата Зрќе на Паг, додека биле во вода, на неговата девојка и ги украле парите и мобилниот телефон, пишува Пословни дневник.
Концептот е многу едноставен. Сеф, со големина да собере женска чантичка, излеан е во самата лежалка, а дополнително може да биде зајакнет со метални делови. Капакот се става дополнително, па така лежалките можат да се транспортираат наредени една врз друга. Сефот се отвора и затвора со чип во силиконска нараквица. Самата лежалка ќе биде обезбедена од кражба, затоа што ќе има сензор кој нема да дозволи оддалечување на лежалката на повеќе од, на пример, 50 метри од изнајмувачкиот пункт, затоа што во тој случај ќе се активира аларм.
Шоше го патентирал својот проект и го заштитил и во Хрватска и во уште 146 земји. Проектот е пред фаза на реализација и пласирање на пазарот. Младиот иноватор е во преговори со неколку инвеститори, а во иднина се надева и на некакви средства од фондовите на ЕУ. Шоше проценува дека неговата лежалка со сеф во производство не би требала да чини повеќе од 100 куни (13 евра), а во малопродажба да чини до 300 куни (39 евра).
Фото: Давор Вишњиќ/PIXSELL