Во штипската индустриска зона Запад денеска почна изградба на фабрика за производство на заварени склопни елементи за шасии за автобуси.
Фабриката ја гради штипската фирма Актива, а за потребите на познатата белгиска компанија за производство на автобуси Ван Хол.
Менаџерот на Актива, Илија Николов информира дека се гради хала од 8.000 метри квадратни за производство на автобуски шасии. Откако ќе се изгради првата хала, истакна, во септември ќе стартува производството, но и ќе почне втората фаза од фабриката.
“Вкупната инвестиција на првата фаза од првата фабрика изнесува 3 милиони евра, еден милион евра е сопствено учество на Актива, а два милиони евра се кредит со поволна каматна стапка од Комерцијална банка. Новата фабрика за производство на заварени склопни елементи за шасии за автобуси Актива ја гради на локација од 70.000 метри квадратни, со можност за проширување до 120.000 метри квадратни. Во оваа фабрика ќе се произведуваат автобуски шасии за потребите на белгиската компнаија Ван Хол, која има изградено фабрика за автобуси во ТИР зоната Бунарџик во Скопје“, вели Николов, пренесе МИА.
Тој најави дека наредната година ќе почнат и со изградба на втората фабрика за метални конструкции на истата локација во штипската индустриска зона Запад, на регионалниот пат Штип-Радовиш.
Сопственикот на белгиската компанија за производство на автобуси Филип Ван Хол истакна дека е задоволен од досегашната соработка со штипската фирма Актива, која ја изгради и фабриката во Бунарџик. Тој додаде дека во моментов компанијата Ван Хол произведува автобуси за американскиот пазар, а во наредниот период производството ќе го прошират и за европскиот пазар.
Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев истакна дека Актива е една од најуспешните штипски фирми.
“Со отворањето на новата фабрика ќе се отворат и нови работни места, на самиот почеток ќе се вработат 50, а потоа ќе се врши етпано вработување“, рече Захариев.