Првата drive in ординација се отвора во Виена

55

doktor caklДокторот Дитер Чакл од Виена одлучил да им го олесни патот на пациентите до докторите и решил да ја отвори првата drive in ординација. Од први мај оваа година, на бензинската пумпа Eni, тој ќе ги прима пациентите без закажување термин и, како што ветува, со минимално време на чекање, пишува австриски Kurier.

На бензинската пумпа ќе се одвиваат сите активности на оваа необична ординација, која ќе се протега на осум квадратни метри, а која што ќе ги прима пациентите од шест до 22 часот, седум дена во неделата.

Услугата на лекарот паушално ќе се наплаќа по 50 евра.

Чакл истакнува дека за 15 минути, колку што планира да му посветува на секој пациент одделно, може да ги утврди здравствените проблеми и да напише рецепт за потребните лекови.

“Кај 80% од случаите и онака се се решава со добар разговор, односно со добра дијагностика“, уверува докторот со долгогодишно искуство.

Тој истакнува дека од опрема му е доволен стетоскоп, телефон и потребните документи за пишување рецепти и боледувања, а главниот инструмент е времето што го поминува со пациентите.

Дали овој концепт ќе биде прифатен кај граѓаните ќе покаже тримесечната тест фаза. Доктор Чакл не ја отфрла можноста и други drive.in ординации да се отворат во рамки на бензинските пумпи Eni.

Лекарската комора на Виена била скептична на идејата на нивниот колега со оценка дека “иницијативата може да се третира како маркетиншки трик“.

Доктор Чакл по студиите по медицина специјализирал анестезиологија, но работел и како доктор во Брзата помош. Тој во 2004-та година бил поставен како главен доктор во покраинската болница во Сент Пелтен, а потоа во 2007-ма година на клиниката во Линц. Пред тоа работел и како доктор за Обединетите нации и НАТО.

Својот талент во областа на маркетингот го докажал во 2007-ма година со основање на маркетинг агенција во здравството.